Од 1 август граѓаните кои се греат на парно во Скопје ќе плаќаат повисоки сметки, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за нови цени на топлинската енергија. За најголемиот дел од домаќинствата поскапувањето изнесува 5,96 проценти, што значи дека просечната месечна сметка ќе биде повисока за околу 140 денари.
Одлуката се однесува на корисниците кои се снабдуваат преку ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ Производство на топлина. За потрошувачите што се снабдуваат од Енерџи Еколинк, поранешна Топлана Скопје Север, цената се зголемува во просек за 3,6 проценти, додека за корисниците на ЕСМ Енергетика поскапувањето е околу пет проценти.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, информираше дека новите цени се утврдени по детални економски и технички анализи на работењето на компаниите што обезбедуваат топлинска енергија во Скопје.
„Просечната сметка ќе се зголеми од 2.353 на 2.493 денари. Барањата на енергетските компании беа значително повисоки и се движеа од 30 до 130 проценти, но по спроведената регулаторна постапка беше донесена одлука за многу пониска корекција на цената“, изјави Ристов.
Тој посочи дека РКЕ го поддржува процесот на обединување на компаниите на ЕСМ кои работат во секторот за топлинска енергија, оценувајќи дека тоа ќе овозможи поефикасно управување со ресурсите и ќе придонесе за поповолни цени за потрошувачите.
Според анализите на Комисијата, и покрај новото поскапување, домаќинствата во Скопје кои користат централно греење и натаму имаат пониски годишни трошоци за греење во споредба со корисниците во Белград, Љубљана, Софија и Сараево.
РКЕ соопшти и дека во текот на последната грејна сезона на системот за централно греење биле приклучени 1.521 нов потрошувач, со што вкупниот број корисници достигнал 67.494.
ПОВИСОКИ СМЕТКИ ЗА ПАРНО ОД 1 АВГУСТ: СКОПЈЕ ИМА ПОЕВТИНО ГРЕЕЊЕ ОД СОФИЈА, ЉУБЉАНА, БЕЛГРАД И САРАЕВО, ВЕЛИ РЕК
2 Mins Read

