Случајот со мртвата мечка и Сашо Дранго, кој се најде во центарот на вниманието на почетокот на јануари годинава, додека беше на функција заменик-директор на ,,Македонија пат” се уште нема официјална завршница.
Станува збор за настан кој предизвика бројни јавни реакции, откако Здружението за заштита на животните Анима Мунди, на почетокот на јануари објави фотографија на која тој позира со мртва мечка и пушка со снајперски нишан, со обвинување дека ја застрелал, иако е класифицирана како дивеч под заштита.
Се бараше негово разрешување од функцијата и одговорност, па по повод случајот, дури и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Дранго ќе биде итно резрешен и повикан на одговорност, ако се потврдат тврдењата дека ја застрелал мечката.
Но, до денес, по повеќе од шест месеци од објавата на фотографијата, јавноста нема информации околу исходот на случајот за кој Основното јавно обвинителство во Битола по допрен глас оформи предмет против Дранго.
-Постапката е во тек со дополнителни проверки за кои јавниот обвинител издаде соодветни наредби до СВР Битола, за Викимедиа појаснуваат од обвинителството.
Инаку, по настанот Дранго за медиумите тврдеше дека мечката со која позира како триумф веќе била угината, во сообраќајка на патот Битола – Ресен. Но, од битолската полиција негираа дека имало пријава за таква сообраќајка минатиот декември, кога се претпоставува дека е направена фотографијата.
По неколку месеци заменик – директорот на ,,Македонија пат” беше разрешен од раководното место, но не поради случајот со мечката, туку бидејќи му истекол мандатот.
Вики Клинчарова