Најмалку десет пожарникари загинале, а 14 шумарски работници и припадници на службите за итни случаи се повредени во голем пожар во централната турска покраина Ескишехир, соопшти вчера турскиот министер за земјоделство и шумарство, Ибрахим Јумакли.
-Пожарникарите и спасувачите се бореа со пожарот во областа Сејитгази од раните утрински часови. Седум пожари сè уште горат во пет централни и западни турски провинции, изјави Јумакли.
И во Кипар беснеат големи пожари, а тамошните власти побараа итна помош од соседните земји. Евакуирани биле четири села северно од Лимасол, а високите температури и силните ветрови го отежнувале гасењето на пожарот кој излегол од контрола.
Во Македонија денес се активни пет пожари, а четири биле ставени под контрола.
Според Центарот за управување со кризи, гори во Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, на планината Голем Готен и Малешевските планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација), во Општина Прилеп – с. Бешиште, место викано Бешишки Рид (мешана шума), во Општина Желино – помеѓу селата Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума), во Општина Штип – с. Драгоево и с. Селце (нискостеблеста шума прнар и сува трева) и во Општина Македонски Брод 2 – помеѓу с. Локвица и с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација).
Вики Клинчарова