Се уште трае потрагата по 16-годишно девојче кое денес кратко пред 17.00 часот потонало во реката Вардар, во близина на Градско.
За настанот информираше Центарот за управување со кризи, според кој денес, во 16:42 часот, на бројот за итни повици 112 била примена пријава за две потонати женски лица, на возраст од 16 и 26 години, во реката Вардар, во близина на селото Уланци, Општина Градско.
-Пријавата била поднесена од лице присутно на местото на настанот – сестра на 16-годишното девојче – која, во видно вознемирена состојба, побарала итна помош. Набргу потоа, се јавил и доктор од ИМП Велес, кој ја потврдил информацијата и побарал ангажирање на тимови за потрага и спасување на вода.
По приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи веднаш ги извести надлежните институции – СИКС при МВР, Оперативниот центар на Генералштабот и Дирекцијата за заштита и спасување – со барање за итно ангажирање на тимови за потрага и спасување на вода.
Според последните информации од терен, на локацијата е присутна екипа на МВР со чамец, а 26-годишната жена е пронајдена жива, информираше ЦУК.
Од СВР Велес за Викимедиа потврдуваат дека екипите за потрага се уште се на терен и девојчето уште не е пронаjдено. Се трагало на копно и во вода.
Како што неофицијално дознаваме, девојките дошле на брегот на Вардар и влегле во реката за да се разладат, кога водата ги повлекла.
Повеќе детали за случајот од СВР Велес најавија во тек на утрешниот ден.
Вики Клинчарова