Од Велосипедската федерација на Македонија се огласија по повод бурните реакции во јавноста, откако вчера првин беше објавена вест дека двајца велосипедисти учесници на EYOF од Исланд биле повредени, откако во нив удрило возило, а потоа на социјалните мрежи започна да се споделува и фотографија од повреден велосипедист.
Од Федерацијата појаснуваат дека велосипедистот на фотографијата е од Литванија и дека тој не е еден од повредените во сообраќајката, туку со повреди се здобил во Куманово, на патеката за Крос кантри, за време на тренинг и негов пад на еден од техничките елементи на самата патека.
За повредените во сообраќајката пак, појаснуваат дека организацијата на EYOF јасно им упатила и одредила термини и патеки за тренинг, кои биле проследени со полициска придружба, поради причина да не дојде до инциденти, имајќи ја во предвид сообраќајната некултура која владее кај нас. Но, велосипедистите и покрај упатите, на своја рака тргнале на тренинг кој заврши со сообраќаен инцидент.
-Најостро го осудуваме невниманието и дивеењето во сообраќајот на кое секојдневно сме сведоци и за кое многупати како Федерација сме покренале бројни иницијативи за подобрување на безбедноста и преку нашите клубови и преку велосипедистите кои секојдневно тренираат на патиштата низ Македонија и се соочуваат со вакви и слични ситуации. Жалиме за инцидентот и посакуваме брзо опоравување на велосипедистите од репрезентацијата на Исланд.
Во однос на бројните шпекулации кои преку порталите и социјалните мрежи се базираат на бројни невистини, должни сме да информираме за неколку факти:
Организацијата на EYOF јасно упати и одреди за сите велосипедисти учесници на натпреварите точно утврдени термини за тренинг, на точно утврдени патеки за тренинг кои беа проследени со полициска придружба токму од причина да не дојде до вакви инциденти, имајќи ја во предвид сообраќајната некултура која владее. Наспроти нашите препораки, велосипедистите ,,на своја рака” се упатиле на тренинг и тоа на патека која воопшто не беше означена како дел од терените за тренинг, извесуваат од Велосипедската федерација.
Детално ги појаснуваат и деталите за велосипедистот со скршена рака, чија фотографијата вирално се споделува.
-Повреденото дете со скршена рака е всушност од репрезентацијата на Литванија и за кое националната репрезентација на Литванија објави уште пред отворањето на игрите дека велосипедистот се повредил на патеката за Крос кантри во Куманово за време на тренинг и негов пад на еден од техничките елементи на самата патека. Тоа е сосема друг излоиран инцидент кој нема никаква поврзаност со сообраќајниот инцидент.
Тврдиме дека сите протоколи и безбедносни мерки беа спроведени од наша страна, а се однесуваат на грижа и безбедност на нашите гости велосипедисти и при тоа сите натпревари поминаа во најдобар ред во организација со која можеме да се гордееме, истакнаа од федерацијата.
Вики Клинчарова