Јане Ченто, кој заедно со уште 15 други лица во 2019 година беше правосилно осуден на 13-годишна затворска казна под обвинение за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ а во предметот „27 април“ поврзан со упадот во Собранието, објави низ што поминал изминативе години.
На социјалните мрежи тој пишува дека освен што пропаднал материјално, најмногу страдало неговото семејство. Сопругата се разболела, а на синот му кажа да го прекине студирањето поради економски причини.
-Загубив се, материјално пропаднав, мојата политичка кареира ја започнав како чорбаџија, а ја завршив како слеп сиромав.
Децата се веќе 10 години без моја помош и лишени од помошта на заедницата поради мене. Му наредив на синот да прекине со студиите од економски причини. Жената ја упропастив наполно и таа се разболе, вчера објави Јане.
Додава дека изгубил девет години личен живот и истргал најмизерни понижувања, и дека со висината на неговата затворска казна излегувало како да е поголем злосторник од германските гестаповци.
-Осуден сум за тоа што не сум го сторил, од глад сум паѓал во несвест, сум издржал 9 години казна, ќе излезам поголем злосторник од германските гестаповци кои го запалија целиот свет. Од сето тоа ми остана човечкото достоинство, и тоа сакаат да ми го земат.
Јас не жалам оти ќе умрам, само ми е мака што немам време да напишам некои работи кои што историјата на македонскиот народ треба да ги одбележи, не затоа што јас сум учествувал во тие настани, треба да знаат како се одвивала борбата за нашата слобода и да знаат кој и зошто гинел и кој што направил за неговата слобода, напиша Јане.
Првично, Основниот кривичен суд Скопје го осуди Јане Ченто на 15 години казна затвор но скопскиот Апелациски суд му ја намали казната на 13 години затвор. Заедно со уште 14 други, Ченто е осуден за терористичко загрозување на уставниот поредок.
Тој доби слободен викенд за првпат во 2023 година, по шест години откако беше затворен.
Деск