Неготинецот Димитар Костадинов (82), кој беше пријавен за исчезнат пред седум дена, утрово е пронајден починат.
Информацијата ја потврдија од СВР Велес, како и членовите на неговото семејство, кои цела недела трагаа по него и апелираа за помош од јавноста.
-Ние, семејството, заедно со полициски службеници додека пребарувавме во околината на Неготино, утрово го најдовме телото на дедо ми. Се уште не ја знаеме причината за смртта, ги чекаме резулатите од обдукцијата. Се заблагодаруваме на целата заедница и на пошироката јавност која ни даваше поддршка овие денови, на сите кои го споделија нашиот апел и кои на било каков начин беа вклучени во потрагата, истакнаа од семејството на Костадинов.
Од полицијата известија дека во 08.00 часот во Полициската станица Неготино било пријавено дека на Куријски пат на место викано „Песокот“ во Неготино бил пронајден починат Д.К.(82) од Неготино, за кого на 21.07.2025 било пријавено дека се оддалечил од семејниот дом.
По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
Вики Клинчарова