Во период кога во земјава беснеат пожари, заменик директорот на ,,Национални шуми”, Кире Михаилов, раскажа за случка која ја доживеал завчера. Како што вели, тој постојано бил рамо до рамо со екипите на терен, а една повозрасна жена, која не ја познавал лично, постојано го критикувала и го навредувала на неговиот Фејсбук профил. Но, по игра на случајноста, само неколку часа откако го нарекла циркузант, тој заминал на гасење пожар, а таму кај густиот чад, ја сретнал токму нејзе.
-Една тетка во поодминати години, мој јубилеен следач, не ја знам ниту пак таа ме знае, освен што ја имам гледано на сликите на Фејсбук, честопати ми коментира напаѓајќи го целиот мој ангажман, а вчера во едно од моите видеа ме нарече дури и циркузант! Но, чудо!
Вчера доцна попладне, на повикот за гасење на пожарот во Струмица кој од гробиштата беше веќе навлезен во Софилар, јас веднаш од планината Готен со неколку пинцгауери дадовме приоритет на тој пожар и стигнавме на влезот на Софилар покрај новите згради.
На влезот после мостот имаше толпа луѓе, а МВР со првите пинцгауери не упати по една од улиците каде се издигаше многу густ црн чад.
Потаму по патот, имаше пак луѓе кои набљудуваа, шоферот на пинцот застана, а јас излегов да прашам по која улица да фатиме и каде е најризично и има оган да гасиме, раскажува Михаилов.
Додава дека чудото за кое раскажува било тоа што жената која пред неколку часа го нарекла циркузант, се појавила пред него.
-Ме фати под мишка за едната рака и гледајќи ме во очи, ми вели: Кире, те молам, одете тука, по оваа улица одете, имаме и ние таму имот. Во целиот хаос не ја разбрав дали кажа куќа, викендица или нешто друго, но, знам дека и кажав дека не треба да ме моли, да не се секира и да биде сигурна дека ќе направиме секаде и се што можеме.
Отидовме и направивме се што можеме.
На овој пожар во Софилар, освен што видов дека пинцгауерите ќе бидат чудо за гасење и на вакви пожари, видов и уште една работа.
Видов голем и нескриен срам во очите на тетката, но не искоментиравме ништо, ниту јас, ниту таа, и секој си продолжи по својот пат, вели Михаилов.
За крај, додава дека тој оди рамо до рамо со сите оние кои си ги жртвуваат животите и се борат со огнените јазици од пожарите, кои некој координирано ги подметнувал.
В.К.

