Градоначалничката Данела Арсовска го врати споменикот на Андон Лазов-Ќосето, кој беше отстранет за време на мандатот на нејзиниот претходник Петре Шилегов. Таа објави фотографии од поставувањето на споменикот во близина на хотелот Континентал, и порача дека Ќосето е симбол на македонската историја.
-Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија.
Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава, објави Арсовска.
Споменикот првично беше поставен кај Судската палата во 2014 година кога скопски градоначалник беше Коце Трајановски. Во 2018 година, за време на мандатот на Петре Шилегов, споменикот беше отстранет, а на негово место свечено беше посадено дрво гинко. Тогаш Шилегов истакна дека дрвото гинко е симбол на човековите права, кое носело порака дека секој човек има право на праведно судење.
-Поставувањето на споменик на овој човек пред зградата на судот беше сфатено како порака за партиска послушност на судиите кон тогашната власт. Но, отстранувањето на споменикот и засадувањето на т.н. дрво на човековите права на местото каде беше поставен постаментот на оваа дивоградба е симбол на почитување на законитоста, правдата и правичноста. Дрвото што ја замени дивоградбата е од видот гинко и е симбол на човековите права насекаде во светот, кажа Шилегов, за време на настанот во мај, 2018 година.
Во изминатиот период, Арсовска ја ставаше на гласање точката за враќање на Ќосето на дневен ред дури трипати. Истата беше изгласана кон крајот на 2023 година.
Инаку, градоначалничката уште на почетокот на својот мандат најави враќање на Ќосето, и кажуваше дека нема да дозволи споменикот на македонски револуционер да рѓосува во магацин.
Деск

