Актуелниот струмички градоначалник Костадин Костадинов, се најде во центарот на вниманието на почетокот на месецов, со замрзнување на членството во СДСМ, откако не беше исполнето неговото очекување, партијата пак да го кандидира за градоначалник, и покрај тоа што тврдеше дека на анкетите водел 3:1.
Откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче откри дека кандидат за градоначалник на Општина Струмица ќе биде Марјан Даскаловски, Костадинов возврати со објава дека ја замрзнува својата партиска припадност во СДСМ, порачувајќи – Не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што и е местото, најмалку каде што е сега. Потоа порача дека ќе молчи до септември, кога ќе ја кажел својата одлука за делување во СДСМ или надвор од партијата, и тоа во два дела, првиот кон крај на септември, а вториот дел ќе го соопштел по завршување на локалните избори.
За Костадинов (35) во јавноста често се кажуваше дека е ,,дете на Зоран Заев”. Влезе во политиката релативно млад, во 2017 година, и на свои 27 години стапи на функција в. д. градоначалник на Струмица, откако тогашниот градоначалник и лидер на СДСМ Зоран Заев стана пратеник.
Потоа беше пратеник во Собранието, а на изборите во 2021 беше избран за градоначалник. И поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, во минатото неретко јавно кажуваше дека кога го гледа младиот и амбициозен сограѓанин Костадин, како да се гледа себе на негови години.
Токму поради тоа, Викимедиа го запраша Костадинов дали после актуелните настани, се слушнал и видел со Заев, кој е неговиот став околу случувањата, односно дали Заев се уште стои покрај него и го поддржува во новодонесените одлуки.
-Одлуката на раководството е донесена и е таква, каква што е. Став треба да има самото раководство, односно актуелниот претседател на СДСМ!
Доколку на денот на изборите се покаже како издржана оваа одлука, јавно ќе ја поздравам. Доколку пак не, ќе треба да се седне на маса и да се разговара.
Зоран Заев е поранешен лидер на СДСМ, и ја има мојата почит како и секој поранешен лидер на СДСМ, вели Костадинов, не давајќи конкретен одговор на прашањето за евентуална поддршка од поранешниот партиски лидер.
Околу тоа пак, дали доколку на изборите победи новиот партиски кандидат во Струмица, Марјан Даскаловски, и како што вели, се покаже одлуката како издржана, тој планира да го одмрзне своето членство, истакнува дека не може пред време да зборува.
-Не можам да говорам пред време, но важно е колку општини, а не колку гласови ќе има СДСМ. Тоа во суштина ќе ја обликува иднината на партијата, а јас посакувам најдобар можен резултат, вели Костадинов.
Исто така, потенцира дека останува неговиот став да не коментира повеќе за случувањата, и дека ќе биде повлечен се до крајот на септември, кога ќе го соопштел првиот дел од својот став, а потоа по завршување на изборите, ќе ја соопштел целта.
Како потсетување, Зоран Заев поднесе оставка како премиер и лидер на СДСМ во октомври 2021 година. Од тогаш, ретко се огласува во јавност.
Вики Клинчарова

