Момче со здравствени проблеми од Кавадарци, кое секојдневно престојувало по четири часа во дневен центар за лица со попреченост, во вторникот било физички нападнато и завршило со повреди.
Мајката го пријавила настанот во кавадаречката полиција вчера, а во меѓувреме и на социјалните мрежи се објавија фотографии од повредите кои момчето ги здобило, што предизвика бурни јавни реакции.
Реагираа голем број на граѓани, како и родители на деца со попреченост, кои отворено прашуваат дали нивните деца добиваат соодветна грижа во дневните центри, и повторно се актуелизираа темите околу тоа каква институционална поддршка се нуди за нив.
Од СВР Велес денес потврдија дека мајката од Кавадарци вчера го пријавила случајот во полиција, и додаваат дека се преземале мерки за негово расчистување.
-На 30.07.2025 во 10:30 часот во ОВР Кавадарци, Д.Н. (47) од Кавадарци, пријави дека на 29.07.2025, во времето од 10:30 до 14:30 часот, нејзиниот син Ц.Н.(23), кој бил со здравствени проблеми, бил физички нападнат од НН лице во дневниот центар за лица со попреченост во развојот во Кавадарци, каде секојдневно престојувал по четири часа.
Известен е јавен обвинител и Центарот за социјални работи Кавадарци. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопштија од СВР Велес.
Деск

