Балканската музичка ѕвезда Лепа Брена (64) во петокот го преполни стадионот Билјанини извори во Охрид со публика од сите генерации, но и од сите краеви. Покрај бројните туристи кои престојуваат во Охрид за празникот Илинден, а кои дојдоа на стадионот да ја слушаат Брена, на настанот присуствуваа и гости од Бугарија каде пејачката е доста популарна, како и голем број на фанови од Скопје, за кои имаше организиран превоз.
Впечатливо е тоа што уште пред почетокот на концертот, можеа да се видат југословенски знамиња, кои неретко се истакнуваат токму на концертите на Брена, кога ќе го запее хитот ,,Југословенка”. Песната е снимена во 1989 година, и Лепа Брена ја пееше заедно со Ален Исламовиќ, Данијел Поповиќ и Владо Калембер, а и до денес, публиката наизуст ги знае нејзините стихови.
-Брена е симбол на една ера, на едно минато време на кое многумина се сеќаваат со носталгија. Оние кои се сеќаваат на почетокот на осумдесеттите години, кога таа се појави на југословенската музичка сцена, а и на годините потоа, кога стана голема ѕвезда во Југославија и имаше слава како ретко која друга пејачка, со носталгија реагираат на нејзините стари хитови. Тоа се песни кои одбележаа едно време и допреа до многу генерации. Кога се слушаат во живо, на концерт, повторно ги будат емоциите и спомените од тие времиња, потсетуваат на сплотеност и единство, иако се работи за песни кои биле снимени пред 40 и повеќе години, раскажаа гости во публиката, кои со себе понеле и југословенско знаме.
И пред две години, кога пееше на плоштад во Кавадарци, на манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер”, Брена привлече гости од цела земја, а југословенското знаме кое го развиори млада девојка во публиката, привлече големо внимание и ја разбуди носталгијата по старите времиња.
Тогаш девојката ни раскажа дека иако била родена и израсната во Америка, нејзините родители по потекло од Македонија, секогаш и раскажувале за животот во Југославија и за братството и единството во кое се живеело. Кажа дека многумина во Кавадарци и пришле за да се фотографираат покрај Ју знамето, и ја растажила носталгијата на луѓето од кои слушнала убави приказни за минатите времиња.
Концертот на Брена во Охрид беше дел од нејзината турнеја ,,Имам песна да ви пеам”.
Покрај нејзиниот концерт, во Охрид деновиве на повеќе локации се одржуваат концерти на многу домашни, но и регионални музички ѕвезди.
Вики Клинчарова

