За време на поставувањето на камен-темелник на нова спортска сала во Воената Академија денес, одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Христијан Мицкоски го осуди национализмот и ксенофобијата што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија. Натпреварот се одржа во саботата во Куманово, а на истиот присуствуваше и премиерот.
Тој упати порака до сите навивачки групи да навиваат спортски и да го бодрат својот тим и националниот тим.
-Додека бев на натпреварот воопшто не го ни забележав скандирањето, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Навивачките групи да навиваат спортски, тоа е она што оваа влада го поддржува, а сè останато ќе биде предмет на истрага и санкции без разлика од која страна доаѓа, порача Мицкоски.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово вчера информираше дека постапува во врска со инцидентот на кошаркарскиот натпревар во Куманово – чин кој го осудија и власта и опозицијата. Од таму кажаа дека издале повеќе наредби до СВР Куманово, меѓу кои и наредба за обезбедување на снимки од видео надзор за да ги идентификуваaт сторителите на националистичките скандирања.
Деск

