Изразот ,,патлиџан туристи” кој е актуелен кај нас, но и на Балканот, а се користи најчесто за исмејување на нашите туристи кои летуваат во соседна Грција, и со себе носат ручек или ужина на плажа, е всушност неумесен израз со кој помеѓу редови им се порачува на оние со послаби финансии да си седат дома, доколку не можат да си дозволат летување со оброци во ресторани.
Но, дали навистина финансиите се причина некој да замине на плажа со мини ладилник полн со домашна храна, или пак пикникот покрај море е доживување кое го применуваат оние кои знаат да уживаат во животот на свој начин и кои не се оптеретуваат со туѓите мислења?
Според сликите од јавни грчките плажи, каде нема поставено лежалки, посебно во недела, најбројни се посетителите баш од Грција, кои го користат слободниот ден за семејно да уживаат покрај морето, со домашна храна.

Многумина доаѓаат и со столици и масички на расклопување, а со себе не само што носат термоси со топло кафе и овошје, туку неретко имаат и кутии со салати, домашен леб, сирење, маслинки… За овие луѓе, ручекот на плажа е посебно доживување, и релаксирано го минуваат времето со своите блиски, неоптеретени со предрасудите на наводната елита.
Викендов на плажа во близина на Катерини можеа да се забележат голем број на локални жители од сите генерации, кои токму така го минуваа денот, со храна и пијалоци понесени од дома, во опуштена дружба.
-Кога е туризамот во прашање, секако дека за угостителите е подобро да им бидат полни лежалките кои ги изнајмуваат на плажа, но за нас излетот покрај море е нешто кое го чекаме цела недела, ова ни е можност за квалитетно поминато време со блиските. Воопшто немаме потреба да не служат келнери на плажа, не сме овде да се фотографираме за социјални мрежи или пак некого да импресионираме.
Напротив, со радост од дома се подготвуваме за излетот, си подготвуваме домашна храна, се договараме кој што да понесе. Така било отсекогаш, па затоа и не обрнуваме внимание на овие нови трендови, и на плажа да поминеш како да си во ресторан и дебело да платиш. Морето е исто за сите, само треба да знаеш да уживаш во него и во она кое природата ни го дава, раскажаа грчки посетители на плажата.
Тие беа во поголема група, неколку генерации од едно семејство. Во нивна близина пак, забележавме повозрасна жена, во своите осумдесетти години, која вели дека празник и е секогаш кога во недела со внуката заедно ќе дојдат на плажа.
-Никако на лежалки, имаме преубави песочни плажи, доволно е само прекривка да се понесе. Погледнете ги само луѓето на лежалките, си дишат едни на други во врат, пренатрупано е, прегласно, не можеш ниту брановите да ги слушаш.
Ние со внуката имаме ритуал во недела, таа прави топло кафе во термос, јас еден ден порано правам домашни гурабии, некогаш и солена пита. Уживање ни е секој излет на плажата, многу подобро ни е отколку да седнеме во ресторан. Така функционираме секое лето, лежалките им ги препуштаме на туристите, за нас локалците, ова е живот, вели Елени од Коринос, која и покрај возраста, не се откажувала од сончањето и денот минат покрај морската вода.
Пред две години во Грција беше актуелно ,,Движењето за слободни плажи” кое го иницираа локалните жители во Халкидики, Тасос и Крит, и кои се побунија против ,,окупирањето” на плажите со лежалки со превисоки цени. Граѓаните бараа слободен пристап до морето, односно да се контролира бројот на лежалки и чадори. По бројните реакции, грчкото Министерство за економија нареди зголемени инспекциски контроли за утврдување на прекршоци со незаконското окупирање на плажите.
Според грчките закони, деловните субјекти или баровите на плажа во близина на брегот мора да остават слободен простор од најмалку 50 отсто од површината на плажата, со цел да се обезбеди пристап до морето. Токму на тие површини, ослободени од лежалки, најредовни посетители се локалните жители, кои ја носат пораката дека секој има право да ужива во морето на свој начин, и дека нема место за предрасуди и поделби на ,,елитни” и ,,патлиџан” туристи.
В.К.

