Поранешната Прва Дама на Македонија и сопруга на починатиот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, по подолг период се појави во јавност. Таа присуствувала на настан во нејзиното родно Колешино, струмичко, односно на Македонска средба на Македонците од ова новоселско село иселени во светот, најмногу во САД, Австралија, Италија, Германија, Австрија и Швајцарија.
За настанот кој се одржал под покровителство на градоначалникот на Ново Село Ѓорѓе Божинов, информираше Тодор Петров од Светскиот Македонски Конгрес, кој објави фотографии од манифестацијата и истакна дека на иселеничката средба, покрај него присуствувале и Вилма Трајковска, сопругата на покојниот претседател Борис Трајковски, заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, пратеникот Петар Марков и претседателот на Светскиот Македонски Конгрес за Европа Ацо Крстески. Фотографии од средбата на која присуствувала Трајковска, објави и заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков.
Трајковска, која беше на должноста Прва Дама на Македонија од 15-ти декември 1999 година, до 26-ти февруари 2004 година, е основач на ВИТРА, непрофитна и невладина фондација формирана во Република Македонија во 2001 година, како и на Меѓународната фондација ,,Борис Трајковски”.
По смртта на претседателот Трајковски, во авионската несреќа во Босна и Херцеговина на 26-ти февруари 2004 година, таа се посвети на бројни проекти поврзани со фондацијата на кои и денес работела, но во последните години многу ретко се појавува и се огласува во јавност.
Едно од ретките интервјуа во кое раскажа за последните денови на Трајковски, таа го даде една година по несреќата, во 2005 година, за весникот Нова Македонија.
-Ноќта во средата, ноќта пред утрото предвидено за полетување за Мостар, остана на работа до 22.30 часот. Кога си дојде дома, децата веќе спиеја. Тој речиси до полноќ разговараше по телефон. Не знам колку беше часот кога Сара се разбуди и се симна долу. Таа вели дека засекогаш ќе ја помни последната слика на татко си: тој во бела кошула и вратоврска седи крај масичката со телефонот и разговара. Го гушна татко си, го погледна и му рече: „Тато, ти многу се промени; ми изгледаш остарено“. Борис ме погледна мене, како да сакаше да каже: „Зарем навистина сум остарен?“. Имаше само 48 години. Сара и сега многу тагува; не може да сфати зошто му го кажала токму тоа и токму во последната ноќ од неговиот живот, раскажа таа во интервјуото пред дваесет години.
Нивните деца пак, Сара и Стефан, кои во времето кога почина татко им беа малолетни, денес се реализирани личности. Сара студираше во Лондон, а потоа замина во САД, каде волонтираше во Постојаната мисија на Македонија при Обединетите нации во Њујорк. Според последните информации, таа денес живее и работи во Скопје.
Стефан дипломирал на Правниот факултет во Скопје и исто така живее и работи во земјава.
В.К.