Пред девет години на денешен ден се случи катастрофалната поплава во Стајковци, Сингелиќ, Арачиново и Смилковци, во која животот го загубија 22 лица. Од нив, се уште не е пронајдена 16-месечната Елиф Фејзула. Таа се води како исчезната и нејзината фотографија и лични податоци се уште стојат на официјалната страница на Министерството за внатрешни работи, и е всушност најмладото исчезнато лице во земјава.
Набргу по поплавата, блиски луѓе на семејството на Елиф излегоа пред камери и раскажаа за трагедијата. Таа била во семејниот бел Голф заедно со мајка и и татко и Фуркан Фејзула. Во близина на обиколницата Смилковско Езеро, за време на временските непогоди наишол голем бран кој започнал да го носи возилото.
Автомобилот на семејството Фејзула беше пронајден сред нива, заглавен во кал, со отворена врата. Покрај него имаше и други нафрлани автомобили.
Пријатели на таткото раскажуваа дека претпоставуваат како Фуркан ја отворил вратата, сакајќи да побегнат, но водата го повлекла. Таткото не преживеа, а мајката беше пронајдена жива по два часа кај првите куќи од селото Стајковци. Во близина беа пронајдени зелени патики, за кои пријатели на Фуркан кажаа дека биле негови, ги купил кратко пред настанот.
-Ги гледаме патиките на Фуркан и не се осмелуваме да ги допреме, само тагуваме. Ова е катастрофа за која ќе се зборува со генерации. Никој не можеше да претпостави дека овде може да има ваква поплава, толку силна, што ќе убие луѓе, зборуваа пријатели на семејството пред камери неколку дена по трагедијата, додека автомобилот се уште стоеше во калта.
Со недели потоа активно се трагаше по Елиф. Беа вклучени стручни тимови, како и голем број на доброволци. Чичкото на Елиф, Џемаил, учествуваше во потрагата и пред медиумите раскажуваше дека сите даваат се од себе за да се најде малото девојче. Нема да запреме додека Елиф не биде пронајдена, велеше низ солзи.
Денес, по повод девет години од поплавата, градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, изјави дека ќе започне иницијатива за поставување на спомен-плоча во чест на жртвите од поплавата. Предвидено било истата да се постави наредната година, на навршувањето на една деценија од катастрофата.
В.К.