Додека имаше пари Стојанче Грофот, сите беа околу него, пиеја и јадеа на негова сметка и го потчукнуваа по рамо. Кога дојде ред да остане без неговиот познат локал ,,Гроф” и кога ја изгуби куќата, сите ,,големи” пријатели ги снема, го оставија сам и не му помогнаа, иако беше очигледно дека му е неопходна поддршка, и тоа првенствено психолошка помош и поддршка му требаше, за Викимедиа раскажуваат штипјани, познаници на Стојанче З. (54), кој вчера во алкохолизирана состојба ја усмрти својата 84-годишна мајка.
Откако и нанел смртоносна рана со нож, тој повикал помош, а полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода.
Веста беше голем шок за штипјани, посебно за оние кои долг период го знаеле Стојанче. Велат дека кафеаната била надалеку прочуена по вкусната пастрмајлија, и имал голема заработка, бидејќи дури и од други градови луѓето порачувале од пастрмајлијата, и тоа огромни количини, за разни прослави и собири. Пред десет години финансиски пропаднал, откако започнал се повеќе да пие алкохол, и од тогаш неговиот живот сосема се променил.
-Тој имаше грофовско однесување, затоа и така го викаа во градот. Кога ќе седнеше во кафеаната, сите беа добредојдени, за сите имаше храна и пијалок, не штедеше и каде и да се појавеше, имаше обичај да го почести цел локал. Се има случено и во дискотека да им плати пијалок на сите гости. Околу алкохолот, сите знаевме дека сака да се напие, но никогаш не сме го виделе да се расправа или пак да нападне некој свој сограѓанин. Но, за неговото лошо и насилно однесување кон членовите на неговото семејство, знаеше цел град. Откако остана без локалот, тој постојано ги малтретираше своите, имаше проблеми, неофицијално околу куќата во која живееја неговите родители, а која колку што знаеме, не сакале да му ја препишат.
И со сопругата имаше проблеми, станал насилен, па жената заврши на психијатрија и почина таму. Приказните дека играл комар, колку што знаеме, не се вистинити.
Но, она кое најмногу иритира во случајов е тоа што иако сите негови пријатели знаеја за проблемите со алкохолот и насилството кај него дома, иако и институциите беа свесни што се случува, зошто никој не му помогна? Зошто никој не се обиде да го смести во соодветна институција, да се лекува од алкохолизам, кога беше јасно дека е насилен со домашните, секогаш кога ќе се напие? – прашуваат познаници на штипјанецот.
Додаваат дека бил пријавуван поради насилно однесување барем 15 пати во изминатите години, и несфатливо им било како можеле сите некогашни пријатели да не се заангажираат и да му пружат помош, па ако требало дури и на сила да го однеселе во соодветна институција.
-Се случуваше да помине некој бездомник пред кафеаната, тој веднаш ќе го викнеше, ќе му дадеше пастрмајлија, па дури и ќе го седнеше на маса. Тогаш сите му симнуваа капа, ама кога му надојдоа проблемите, веднаш го заборавија и му свртеа грб.
Се дружеше со најголемите газди, имаше лагоден живот, и финансискиот пад сосема го уништи психички. Од таканаречен гроф, стана алкохоличар без денар во џеб. Сите гледаа колку му е тешко, сведочеа за уништувањето на неговото семејство, ама ниту еден не се најде конкретно да пружи помош, ниту пријател, а што е уште потрагично, ниту било која институција, велат штипјани.
По повод настанот, од МВР соопштија дека по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка по член 123 став.2 точка 2 од Кривичниот законик.
В.К.

