Повозрасен брачен пар од Неготино е жртва на грабежот за кој се осомничени сопружници од градот, кои според информација од Секторот за внатрешни работи Велес, украле околу 30.000 евра.
Веста која се прошири вчера во градот, дека наводно е ограбен млад трговец, кој има ланец на трговски објекти, а чиј идентитет е познат на нашата редакција, самиот ја негираше за Викимедиа.
-Ги знам сопружниците кои вчера беа лишени од слобода, поради сомнение дека украле 30.000 евра од дом на неготинци, бидејќи мажот е вработен кај мене во фирмата. Можеби поради тоа дел од граѓаните помислиле дека јас сум ограбениот, што не е точно. Според сознанијата кои ги имам, жрвите на грабежот се повозрасни лица, кај кои сопругата на мојот вработен била ангажирана како домашна помошничка.
Неготино е мало место, разбирливо е тоа што веста го привлече вниманието на граѓаните, но вистината е таа, јас не сум ограбен.
Осомничениот потоа дојде на работа, бидејќи и двајцата со сопругата се пуштени на слобода, а и самиот беше доста вознемирен од настанот. Ова е една непријатна ситуација за која се надевам дека од страна на надлежните служби ќе биде расчистена за кратко време, ни изјави трговецот.
Од Министерството за внатрешни работи пак, соопштија дека сопружниците Ц.Н.(36) и Д.Н.(50) завчера во вечерните часови биле лишени од слобода, поради основано сомнение дека извршиле кражба, при што одзеле околу 30.000 евра од домот на брачен пар од Неготино.
При претрес, од нивниот дом биле одземени 2.320 евра, а при претрес во домот на мајката и братот на осомничената, биле пронајдени и одземени 2.485 евра, за кои постоело сомнение дека потекнуваат од кражбата. Исто така, според министерството, во домот на мајката и братот на осомничената била пронајдена и бела прашкаста материја, таблети екстази и зелена растителна материја.
По целосно документирање на настанот, ќе биле поднесени соодветни пријави, истакнаа од министерството.
В.К.