В.Д. директорот на ЈЗУ Психијатриската болница Демир Хисар, Жан Лозаноски, кој беше кадар на ЗНАМ, е разрешен од функција, а на негово место на чело на институцијата е именуван д-р Ѓорѓи Бојаџиев, познат интернист во општината. Како што реагираат жители на Демир Хисар до Викимедиа, по оваа промена, стравуваат дека најверојатно општината ќе остане без единствениот интернист, и велат дека се загрижени, бидејќи станува збор за голем број на луѓе кои ќе останат без потребната здравствена услуга, која најверојатно ќе треба да ја бараат во некој од околните градови.
-Пред четири дена ја дознавме веста за новоименуваниот директор во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, откако беше обајеван во медиумите. Навистина сме загрижени како ќе може нашата општина да функционира без единственот интернист, односно дали воопшто се планира некој да го замени д-р Бојаџиев, велат демирхисарци.
Околу тоа дека е разрешен од функција, потврдува и сега веќе поранешниот В.Д. директор Лозаноски. За Викимедиа вели дека веста дека на негово место е именуван д-р Бојаџиев го изненадила, посебно поради тоа што за време на неговиот директорски мандат биле најавени големи проекти поврзани со институцијата.
Како што појаснува, се работело за стартување на проект вреден 2,5 милиони евра, односно за изградба на два нови објекти каде пациентите ќе ги имале сите современи и достоинствени услови за престој, со капацитет за 150 лица.
-Информацијата дека сум разрешен е точна, но ниту самиот не знам која е причината, токму поради тоа што ни претстоеја нови проекти кои се од голема важност за пациентите од цела земја кои престојуваат овде, но и за нивните семејства.
На моето место е именуван единствениот интернист во Демир Хисар, д-р Бојаџиев. Јас достоинствено се повлекувам, не сакам да се прави драма од настанот. Доволно ми е тоа што знам дека го дадов својот максимум додека бев на функција и што имав верба и надеж дека институцијата ќе тргне по угорна линија, бидејќи кога дојдов, таму затекнав хаотична состојба, изјави Лозаноски.
Инаку, именувањето на д-р Бојаџиев следи по разрешувањето на досегашниот В.Д. директор Жан Лозановски, кој е магистер на економски науки, и кој ја извршуваше функцијата до избор на нов директор по распишан конкурс, но не подолго од шест месеци.
На официјалната страница на ЈЗУ Здравствен дом Демир Хисар пак, се уште стојат податоците дека д-р Бојаџиев е одговорен доктор на Интерна медицина. Но, доколку некој се обиде да провери дали има слободен термин за преглед, нема да може да закаже, бидејќи на страницата пишува дека нема термини за наредните три месеци.
В.К.

