Во рамките на Струмица Опен Фестивал 2025, вечерва од 22:00 часот на сцената во Градскиот парк, ќе настапи култниот бенд YU FOR YOU – со настап исполнет со емоции, сеќавања и музика, информираат од организацијата на СОФ.
Настанот е во чест на тапанарот Џоко Ѓоргиев од Струмица, кој настапуваше со ДНК во Кочани и кој го изгуби животот во трагедијата во таканаречното кабаре Пулс.
-Оваа вечер е посветена на нивниот поранешен член и пријател, Џоко Ѓоргиев, кој трагично го загубивме, но засекогаш остана дел од нивната и нашата музичка приказна.
Придружете ни се на концерт што ќе ги допре срцата – за Џоко, за музиката, за спомените, порачаа од СОФ.
Инаку, првата вечер од августовската концертна програма на Струмица Опен Фестивал 2025, ќе ја отворат младите музичари од Летната школа за гитара „Џоко Ѓоргиев“, исто така посветена на трагично загинатиот млад струмичанец Џоко Ѓоргиев, кој беше дел од оваа школа, инспирација и пријател на многумина.
Од оваа година, школата со гордост го носи неговото име, како траен спомен на неговата љубов кон музиката и животот.
Оваа вечер ќе биде посветена нему – со музика, емоции и сеќавања. Ве покануваме да бидете дел од овој значаен музички мозаик што следува, истакнаа од школата.
Ѓорги, познат помеѓу струмчани како Џоко, започнал да се занимава со музика уште во тинејџерските денови. Неговите почетоци ги имал на свои 14 години со Благица Калева и групата Модус.
Подоцна соработуваше и со други бендови, помеѓу кои и ДНК. Во постаро интервју кажуваше дека неговиот дедо, чие име го носел, ја забележал неговата љубов кон свирењето, и му го купил првиот тапан.
Младиот и талентиран струмичанец имаше само 24 години кога загина во страотниот пожар во Кочани.
Деск
Вечер во Струмица за тапанарот Џоко и за спомените: Летната школа за гитара со гордост го носи неговото име!
2 Mins Read
Previous ArticleВознемиреност во Демир Хисар: Интернистот станал директор на Психијатриската болница, жителите прашуваат кој ќе ги лекува
Next Article Ограбени туристи во Олимпик Бич

