Балканската турбо-фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ го најави својот концерт во Велес. Настанот ќе се одржи во Спортската сала Гемиџии на први ноември, а влезниците веќе се пуштени во продажба. Цените им се движат од 1.200 до 3.000 денари, а ќе имало и ВИП пакети.
Според информации од тимот на пејачката, ова ќе биде нејзино 34-то гостување во Македонија. За првпат настапила во земјава во далечната 1989 година, во ресторан Славе во Куманово. Тогаш имала само 16 години. Истата година настапила во ресторани во земјава четири пати, а веќе во 1991 година имала настап во Кино Вардар во Скопје.
Речиси да нема град во земјава каде таа не одржала концерт. Пеела во Струга, Битола, Охрид, Струмица, Штип, Кавадарци, Прилеп, Пробиштип, Дојран, Македонска Каменица, па дури и на стадион во Турново, но во Велес, ова ќе биде нејзин прв солистички концерт.
Во Скопје пеела осум пати, од кои последниот настап се одржал во 2023 година. Во Куманово пак, пеела четири пати, и тоа последен пат во 2024 година. И во Охрид досега настапила четири пати. Во Битола гостувала три пати, а таму се одржал и нејзиниот последен македонски настап, во јули минатата година.
За концертите на Цеца е специфично тоа што секогаш привлекуваат огромен број на публика. Таа пак, речиси секогаш додека е на сцената, го развејува македонското знаме.
В.К.