Услугата беше добра, храната превкусна, да му оставиме бакшиш на келнерот, реченица која често се слуша во угостителските локали, а оставањето на бакшиш, барем во изминатава деценија, кај нас станува редовна пракса.
Поради тоа, неретко кога зборуваат за своите месечни примања, се случува келнерите да го истакнуваат и бакшишот кој го добиваат, а кој некогаш е со приближен износ и колку месечната плата. Но, во се поголем број на локали во Хрватска, каде периодов како сезонски работници во угостителството престојуваат илјадници македонски граѓани, во име на рамноправноста помеѓу сите вработени, се донеле нови правила кога е бакшишот во прашање.

Како што раскажуваат нашинци за Викимедиа, се повеќе угостители се одлучиле за таканаречената Тип Бокс, или кутија за бакшиш, која е поставена на шанкот, а во која келнерите ги оставаат добиените напојници.
Потоа, еднаш неделно менаџерот или сопственикот на локалот, го собирал бакшишот и подеднакво им го делел на сите вработени, и на келнери, на вработени во кујна, како и на шанкери.
-Ова е одлична стратегија, за да има еднаквост помеѓу персоналот. Не им е лесна работата ниту на келнерите, но и на шанкерите, а посебно на оние кои на овие летни температури работат во кујна. Затоа, кога гостинот е задоволен од услугата, тоа е заслуга на сите до еден, а не само на келнерот кој служи.
Ако им се допадне храната на гостите, тие реално и немаат можност да го најдат готвачот, па да му заблагодарат со напојница, затоа и ја оставаат кај келнерот, и мора да се има фер однос кон сите. Секој да биде награден за својот труд, раскажуваат нашинци кои периодов работат на хрватското приморје.
Појаснуваат дека летната сезона во Хрватска и оваа година поминува одлично. Туристичките места биле преполни со гости од целиот свет, локалите работеле со полна пареа, а помеѓу персоналот во речиси секој локал имало Македонци.
Некои годинава заминале по првпат, некои пак веќе неколку години наназад доаѓале. Сезноната започнувала од крајот на мај, а завршува на средина на октомври, кога над десет илјади млади луѓе од земјава, но и повозрасни кои дури и семејно оделе на сезонска работа во Хрватска, се враќаат назад.
В.К.

