Кога нешто се работи со љубов, ќе се најде време за се, за Викимедиа раскажува популарниот пејач Ѓоко Ѓорчев, кој веќе неколку години наназад нема слободен викенд и редовно е ангажиран на настапи во локали низ земјава. Гостува заедно со Катерина Танева и Сашо Георгиев, а сега најави и учество на фестивалот Тумба Фест во Куманово.
Ќе настапел со медитеранска тема, песна во стилот на Мишо Ковач, насловена ,,Не е злато се што сјае” и најавува нов хит на домашната музичка сцена.
-Минатата година на Тумба Фест пеев во дует со Јованка Јо, песната ,,Со душа украси живот” помина одлично кај публиката, а оваа година носам нешто ново на сцената, една прекрасна песна во медитерански стил, со музика и аранжман на Цане Петров и текст на Боби Бетковски.
,,Не е злато се што сјае” е тема во која многумина ќе се пронајдат и препознаат, а песната буквално се ,,лепи” на уво после прво слушање, раскажува Ѓорчев.
Тој е присутен на сцената со децении наназад, а последниве неколку години е свртен кон настапите во живо, кои секогаш поминуваат во неверојатна атмосфера. Сите гости во локалите стануваат и пеат со него, и на социјалните мрежи постојано се актуелни видео снимки од забавите со македонскиот Том Џонс.
-Тие сме, вели Ѓорчев, Том Џонс во Британија и Ѓоко Ѓорчев во Македонија, ние им пркосиме на годините и настапуваме со невидена леснотија, бидејќи го сакаме ова кое го правиме, живееме за да пееме.
Додека се подготвувам за Тумба Фест кој ќе се одржи на 21-ви август, да спомнам дека цело лето помина со турбо настапи, гостувања, концерт на Старата неготинска чаршија пред моите неготинци, многу дружби со публиката, или поедноставно кажано – времето го минувам во градење на спомени. Секој миг кога со песна некому сум му ја разубавил вечерта, кога некого сум го расположил и распеал, за мене е огромна сатисфакција, затоа што ова е мојата животна мисија, изјави Ѓорчев.
Вики Клинчарова

