Хуманоста и транспарентноста се наш принцип! Денес го ажуриравме извештајот со кој ја заокружуваме последната трета набавка на компресивна облека, како и останатите форми на помош од наменската сметка кои ги реализиравме во последниот период, информираат од Граѓанската иницијатива Support Kocani, кои од 16-ти март, после катастрофалниот пожар во Кочани, се досега, имале прилив на наменската сметка од 4.594.345 денари.
-Овие бројки не се само финансиски податоци – тие се доказ за солидарност, заедништво и човечка хуманост. Благодарни сме на секој поединец и секоја компанија кои веруваа во оваа иницијатива и помогнаа од срце. Нашата работа не застанува тука – продолжуваме да бидеме тука за повредените и нивните семејства, сè додека постои потреба, велат од иницијативата.
Појаснуваат дека еден од најважните сегменти на помошта е набавката на специјализирана компресивна облека, која е неопходна во долготрајниот процес на третман и рехабилитација на преживеаните од изгореници.
-Прва пратка – 149 парчиња, во вредност од 923.458 денари
-Втора пратка – 43 парчиња, во вредност од 283.802 денари
-Трета пратка – 176 парчиња, во вредност од 2.193.047 денари
Со овие три пратки досега се обезбедени вкупно 368 парчиња компресивна облека, кои веќе се испорачани и предадени на Општата болница во Кочани за користење од страна на преживеаните лица.
Дополнително, значаен дел од средствата се насочени кон директна поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, како и кон лицата кои се уште се хоспитализирани таму.
Досега се донирани 100 комплети T-LAB PRP KIT и 10 комплети Exomine SMART KIT, со вкупен износ од 267.000 денари, 4 пакувања протеини и 4 пакувања аминокиселини, со вкупен износ од 19.120 денари и сет креми за подобрување на еластичноста на кожата, со вкупен износ од 53.428 денари
Овие материјали се наменети за третман на рани, регенерација на кожата и подобрување на процесот на рехабилитација, со цел полесно и побрзо опоравување на засегнатите лица, истакнаа од Support Kocani.
Сите донации се резултат на поддршката од хумани граѓани, компании и организации од земјата и дијаспората, кои несебично се вклучија во оваа акција.
Деск

