Речиси да нема некој во земјава кој не слушнал за Борче Стаменов од Кавадарци, односно за неговата Невладина организација ,,Донирај компјутер”. Благодарение на неговата хуманост, труд и желба да помогне, во изминатата деценија над 3.600 семејства добија компјутер, а беа опремени и над 80 кабинети по информатика во училиштата ширум државата. Од стари, донирани компјутери прави функционални и подарувајќи ги, носи радост во многу домови.
Кога Министерството за култура пред два дена соопшти дека Борче е годинашен добитник на државната награда „Мајка Тереза“, која исто годинава ја добива и доц. д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендоркинологија, јавните реакции беа дека наградата оди во вистински раце.
Истата се состои од диплома и износ од пет просечни месечни плати во Македонија и ќе им биде врачена на добитниците на 26-ти август во 11 часот во Собранието.
Во разговор за Викимедиа, Стаменов вели дека секоја награда му е посебно драга, а конкретно ,,Мајка Тереза” многу му значи, бидејќи со неа се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката. Радосен е доколку успеал да ги поттикне и другите да помогнат таму, каде можат.
Но, исто така открива дека наскоро за првпат ќе се оствари како родител, бидејќи со сопругата Оле го чекале раѓањето на нивното прво дете, кое требало да се случи за недела – две, односно можеби и на денот кога ќе му биде доделена наградата.
-Запловив во едно ново животно поглавје, пред помалку од една година, кога се венчавме со Оле. Сега се подготвуваме за новата улога на родители, и некако поинаку започнав да гледам на нештата околу мене. Ако во минатото максимално сум се давал насекаде, сум се трудел сите да бидат задоволни, сега приоритет ми е семејството. ,,Донирај компјутер” секако дека останува дел од мене и мојот живот, донациите продолжуваат, но едноставно го прифатив тоа дека колку и да имаш добра мисла, намера, колку и да си човек, неретко се случува некој да ти најде замерка, да не биде задоволен од твојот труд, да слушнеш некој збор кој и не е баш на место.
Затоа, периодов сум свртен кон позитивните работи во животот, кон она кое не очекува како семејство, кон подготовките за доаѓањето на новиот член во домот, и релаксирано и со уживање ја прифаќам таа улога, раскажува Стаменов.
Тој во 2023 година ја доби државната награда „Мето Јовановски”, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
Неговата иницијатива, која започнала сосема спонтано, откако мајка со три деца го замолила ако има некој половен компјутер, да го подари на децата, и среќата во очите на детето кога му го дал стариот компјутер кој го поправил, испиша неверојатно хумана приказна во Македонија, која и денес трае.
Кавадарчанецот донесе радост во илјадници детски очи, но и огромна благодарност, посебно за време на ковид панедмијата, кога наставата се одвиваше онлајн.
Како што вели, највредна награда му е секогаш насмевката која ја измамил на нечие лице, и порачува секогаш кога можеме да помагаме, бидејќи никој не знае кога и самиот ќе има потреба од помош, за било што во животот.
Вики Клинчарова

