СВР Скопје поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“, по член 353 ст.1 од КЗ на РСМ, до надлежното ОЈО поднесе кривична пријава против В.С. и Б.А. поранешни генерални директори на АД Пошти на Северна Македонија во државна сопственост Скопје, информира Министерството за внатрешни работи.
Станува збор за поранешниот директор на АД Пошти, Васко Стефанов, кој е поранешен директор и на ЕСМ, а исто така е и помеѓу обвинетите и во случајот Адитив, и за поранешната директорка на АД Пошти, Бујаре Абази, која беше разрешена од функцијата откако во јавност се појавија информации дека си ја зголемила својата, како и платата на раководните лица, иако доцнеле платите во АД Пошти.
На судското рочиште за случајот Адитив, Стефанов тврдеше дека нема вина и кажа дека единствената негова вина било тоа што е од Неготино и што бил претседател на УО. Судењето за овој случај продолжува на втори септември.
За кривичната пријава против двајцата поранешни директори на АД Пошти, од МВР излегоа со детали.
-Според сознанијата од превземените опсежни истражни дејствија пријавените во текот на 2023 година пропуштиле должен надзор над работењето на своите подредени раководители на подружници во друштвото, така што дозволиле да биде постапено спротивно на на член 40 став 6 од Законот за јавни набавки, а во врска со член 9, став 1, точка г од овој закон, каде е пропишано дека договорните органи од оваа секторска дејност смеат да извршат набавки без спроведена постапка за јавна набавка која не смее да ја надмине висината од 24.000 евра.
На тој начин тие практично овозможиле да бидат извршени набавки без спроведена постапка за јавна набавка во вкупен износ од 56.546 евра, што претставува надминување на предвидениот и дозволениот праг на извршени набавки, без спроведена постапка за јавни набавки, во вкупен износ од 32.546 евра, сума за која што пријавените го оштетиле буџетот на АД Пошти на Северна Македонија, соопштија од министерството.
Деск

