Вчера во Струга се одржа отворено триатлон првенство ,,3 дисциплини триатлон” на кој настапија спортисти од сите возрасти, од повеќе држави. Покрај триатлонците од Македонија, бројни беа и учесниците од Украина, Бугарија, Германија, Америка…
Првото место го освои Украинецот Иван Шевченко, кој го заврши триатлонот за 57.39 минути, второто место му припадна на Захар Цивковски, исто така од Украина, со време 58.26 минути, а на третото место заврши Македонецот Јосиф Малински со време 01.02,15. Настанот беше поделен по неколку категории, и тоа Сениори, Јуниори, Кадети, Деца 1, Деца 2 и Рекреативци.
Првенството помина во спортска, но и доста забавна атмосфера, со диџеј и расположени поддржувачи на учесниците. За победниците следуваат интересни награди, односно за четворицата учесници со најдобар резултат е обезбедено летување во Грција од страна на спонзорот ЈК Травел.

Никола Кутаноски од ,,3 дисциплини триатлон” и Пливачки клуб ,,3 дисциплини” кој е организатор на триатлонот, за Викимедиа истакна дека е среќен што на настанот има учесници од повеќе земји, а се заблагодари и на бројните спонзори кои обезбедиле богат фонд на награди.
Кажа дека и за децата – победници на триатлонот во категоријата Деца, биле обезбедени парични награди, со цел уште повеќе да ги мотивираат во освојувањето на спортски успеси.
Ова беше 12-то издание на настанот, а Министерството за спорт е помагател на истиот.
Вики Клинчарова

