Голем двоен музички спектакл по повод празникот Пречиста Богородица, заштитничка на градот ќе се случува вечерва и утре во Крива Паланка. Како што најавија од општината, Крива Паланка ќе пулсира под рефлекторите во ритамот на музиката, емоциите во духот на заедништвото, а на градскиот стадион вечерва ќе настапат Мирза Селимовиќ, Цеца Ражнатовиќ и Диџеј Галоски. Утре пак, настапуваат Дејан Петровиќ Биг Бенд, Саша Ковачевиќ и Диџеј Том Нови.
Според досегашната пракса од гостувања во други градови, најмногу посетители се очекуваат за време на концертот на Цеца, кој вечерва ќе започне во 23.00 часот, а на општинската страница пејачката е најавена како Балканска дива.
Сашко Митовски, градоначалникот на Крива Паланка, денес информираше дека е воведен посебен сообраќаен режим, кој ќе трае за време на фестивалските манифестации. Тој истакна дека се очекуваат гости од цела Македонија и пошироко, па порача граѓаните да бидат добри и одговорни домаќини и да покажат вистинска сообраќајна култура.
Посебниот сообраќаен режим ќе траел денес и утре од 17.00 до 03.00 часот, а се апелира до граѓаните да дојдат пеш на спортскиот комплекс каде ќе се одржат концертите, да се избегнува возење во центар, како и да не се паркира во централното подрачје.
-Градот е подготвен за доаѓањето на Цеца Ражнатовиќ, и таа треба да пристигне во Крива Паланка вечерва. Се работи за голема музичка ѕвезда, и очекуваме на нејзиниот настап да присуствуваат околу 30.000 луѓе. Доаѓа со голема професионална екипа од составена од 25 лица, и ќе биде сместена во Ресторан Парк Гиновци, за ВИКИМЕДИА изјави градоначалникот Митовски.
Како потсетување, лани на настанот во Крива Паланка главна музичка гостинка беше Северина. Таа беше дочекана со голема еуфорија, а по завршувањето на концертот објави видео на кое се гледа река од народ.
Порача дека зад неа не стоел никој, но пред неа стоеле илјадници луѓе, и слушнала дека никогаш порано во Крива Паланка не се собрало толку народ. За нејзиното гостување, како што објави Центарот за граѓански комуникации, од општината добила 25.000 евра хонорар.
Вики Клинчарова

