Популарниот фолк пејач Наум Петрески јавно се огласи, како што вели, со цел да им појасни на душегрижниците зошто реагирал за време на Ковид пандемијата, за да не пишувале напразно дека се жалел бидејќи немал пари.
Во неговата објава тој појаснува дека не реагирал бидејќи нема пари, туку бил гласен поради начинот на кој во тоа време се распределувале државните субвениции кои беа наменети како помош за категориите на граѓани чии професии беа најсилно финансиски погодени од пандемијата, а помеѓу кои беа и музичарите.
-Мојот револт не беше поради финансиски причини, туку поради начинот на распределба на субвенциите. Од владата на СДСМ, субвенциите одеа во погрешни раце, кај нивни членови – музичари, па и кај музиканти од шесто ниво кои никогаш не направиле ништо во музиката, или пак за државата!
Парите одеа дури и кај келнери, кои подучени од некого се зачленуваа во естрадата и земаа сериозни пари! Кога напишав за тоа, видоа со тогашниот претседател на естрадата (ЗЕУМ) дека може да имаат сериозни последици поради анархиското распределување на средствата, па ми пуштија на сметка 40.000 денари.
Истите ги донирав во манастирот Света Пречиста во Кичево, во вид на детергенти кои им биле потребни тогаш.
Многу ми е драго што злобниците си го покажаа лицето и ми ги отворија очите, повеќе да не помагам секому и насекаде, објави Петрески.
Инаку, за време на пандемијата, поради забраната за работа на угостителски локали, како едни од најпогодените беа музичарите кои подолг период не настапуваа и беа оставени без редовни примања. Поради тоа, владата донесе одлука за пакет мерки за поддршка со кој беа опфатени естрадните уметници, односно 731 лице, со финансиска помош во износ на 2 бруто минимални плати (21.776 денари). Потоа, и во нареден антикризен пакет со економски мерки, владата соопшти дека 786 естрадни музичари добиле финансиска помош.
В.К.
Не се жалев дека немам пари, туку реагирав оти државните пари одеа во погрешни раце за време на ковидот, вели Наум Петрески
2 Mins Read

