Изминативе денови граѓаните кои патуваат во Грција преку граничниот премин Богородица, како и оние кои преку истиот влегуваат во Македонија, ги дочекува слика на жени – питачи кои со мали деца во раце одат од еден до друг автомобил, и бараат пари.
Не откриваат од кој град се дојдени, а нејасно е и како слободно питачат на локација на која има голем број на униформирани царински службеници.
Ова не е првпат да се питачи на граничниот премин Богородица, каде има голема фреквенција на патници, не само од земјава, туку и од други земји. И пред неколку години, во ек на летната туристичка сезона беа актуелни слични слики.

Во земјава нема прецизни податоци за бројот на деца кои од најрана возраст питачат по улиците, бидејќи според податоци од Министерството за социјална политика, демографија и млади, бројката е околу 160 деца, додека пак според невладини здруженија кои се занимаваат со овие теми, бројката е околу 300 деца.
Секојдневно деца питачи можат да се видат на улиците во Скопје, но и во други поголеми градови.
Според кривичниот законик, предвидена е казна за секој родител или старател кој ќе го запушти своето дете, ќе го малтретира и кој ќе ја запостави својата должност за грижа и воспитување, и тоа од една до десет години затвор.
Сепак, и покрај тоа, питачењето се уште останува проблем без решение во земјава.
В.К.

