Премиерот Христијан Мицкоски денес се обрати пред присутните ученици и родители, пред почетокот на новата учебна година во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Кисела Вода. Истакна дека му е чест што стои пред нив, и кажа дека ќе упати три пораки кои биле важни.
-Можеби за првпат после седум години, учениците во првиот училишен ден ќе ги имаат учебниците пред себе, нешто коешто е многу значајно, нешто коешто во минатото за жал изостануваше.
Ја користам оваа прилика да им се извинам на родителите што пред повеќе од 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, а денес после 15 години зборуваме за учебник за секое дете, но ви ветувам дека преку нова дисциплина, а тоа е вештачката интелигенција со којашто ќе се запознаат нашите дечиња ќе можеме да зборуваме за иднината и за предизвиците коишто ни ги носи иднината.
Можам исто така со задоволство да кажам дека за првпат после 7-8 години учениците во училиштата низ Македонија ќе имаат можност пред себе да ги имаат учебниците во странски јазици, англиски, германски и француски нешто коешто е многу важно за да создаваат пријателства надвор од границите на нашата татковина, Македонија.
Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам и на министерката за сето тоа што го направи изминативе 15 месеци за да можеме денес да зборуваме за ова што го зборуваме бидејќи знам колку часови состаноци сме имале поминати во организација за да можеме денес да го постигнеме ова и знам уште колку многу часови состаноци, организација ни се потребни за да го достигнеме нивото коешто стремиме и нивото коешто е потребно за нашите најмлади.
Му благодарам и на градоначалникот којшто знам што сè прави за да Кисела Вода го добие овој лик којшто го има денес и знам колку е тој сè уште амбициозен и сè уште има големи планови, не само за Кисела Вода и за Скопје и убеден сум дека во годините коишто следат тој заедно со својот тим ќе ги реализираат.
На најмладите и наставниците сакам да им порачам две работи. Ова се години кога учите за две многу значајни вредности, а тоа се семејството и татковината, нашата Македонија. Наставниците сум убеден дека вредностите коишто, најмладите првоодделенчињата ќе треба да ги дознаат за своето семејство за мама, за тато, за даде и за бато, но исто така и за она што се вика татковина, нашата преубава Македонија ќе го пренесат во вистински начин, во вистински дух, а тоа што првоодделенците ќе го научат сега ќе го практикуваат целиот свој живот.
Уште еднаш ви посакувам среќни првооделенски училишни часови и денови, но исто така и на сите ученици коишто денес го започнуваат првиот училишен час им посакувам нека им е среќна и успешна учебната година, истакна премиерот.
Деск
Мицкоски им се извини на родителите: Пред 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денес зборуваме за учебник за секое дете!
2 Mins Read
Previous ArticleНосел 100 кесички со марихуана, притворен дилер!

