Во рок од еден месец, доколку нештата се движат според предвидената динамика, во центарот на Неготино ќе започне изградбата на нов плоштад, како и изградба на кружен тек, на раскрсницата до плоштадот, за ВИКИМЕДИА потврди градоначалникот д-р Горан Стојанов.
Како што појаснува, изградбата требаше да започне деновиве, но била одложена со цел да се завршат сите законски процедури и комплетирање на потребната администрација, а по завршувањето на општинската манифестација Неготинска музичка вечер, која ќе се одржи на 19-ти септември, а потоа и традиционалниот Неготински панаѓур, кој ќе трае до 23-ти септември, би требало да започнат градежните активности.
Реконструкцијата на плоштадот ќе изнесува околу 718.000 евра, а пак изградбата на кружниот тек ќе изнесува околу 580.000 евра, и се предвидува дека центарот на градот ќе добие нов лик во рок од четири до пет месеци од започнувањето на градежните активности.
Потоа, откако ќе бидат завршени овие проекти, ќе се започне со реконструкција на тротоарите на улиците Маршал Тито и Партизанска, како и на улица Ленинова.
Околу тоа како ќе изгледа новиот плоштад, засега е познато дека се планира функционална површина, која ќе биде модерно уредена и каде ќе има доста зеленило.
За време на изградбата, планирано е да бидат отстранети летните тераси на локалите кои се наоѓаат на плоштадот, и кои важат за омилено место за дружба на граѓаните од сите генерации. Потоа, по завршување на изградбата, пак ќе биле поставени на истите локации.
За кружниот тек пак, познато е дека во средината на истиот ќе биде поставен постамент, односно основа врз која ќе стои скулптурата ,,Неготинче”, која и во минатото го красеше градот и се наоѓаше во поранешниот култен објект Кафе Корзо.
Вики Клинчарова
После панаѓурот, центарот на Неготино станува големо градилиште: Градот ќе добие функционален и модерен изглед!
2 Mins Read

