Денес во Општина Аеродром беше поставен камен темелник на нов продажен маркет на ,,Лидл”. Станува збор за објект кој ќе се протега на површина од 3.438 квадратни метри, со модерен продажен салон од 1.200 квадратни метри и со 57 паркинг места за потрошувачите. По повод започнувањето на изградбата на објектот, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека ова не е само почеток на изградба на еден обичен објект, туку значи почеток на едно ново поглавје во малопродажбата, со нови стандарди, со поголема конкуренција и со подобри услови за граѓаните.
Доаѓањето на ,,Лидл” во земјава предизвика голем јавен интерес, не само од страна на потрошувачите, бидејќи маркетите се познати во Европа по своите пристапни цени и широк асортиман на производи, туку и од страна на оние граѓани кои се заинтересирани за вработување во компанијата.
Но, според политиките на ,,Лидл”, месечните примања на нивните вработени се држат во тајност, па така оние кои сакаат да аплицираат за вработување, на било која позиција во компанијата, треба првин да аплицираат за работа, а висината на платата ќе ја дознаат во последниот чекор од процедурата.
На едно од најчесто поставуваните прашања на официјалната страница на ,,Лидл”, колкава е платата за која аплицирало заинтересираното лице, следи одговорот:
-Доколку сте избран кандидат за позицијата, односно, во текот на последниот чекор од постапката за избор на кандидати ќе добиете информација за платата и останатите бенефиции за позицијата за која имате аплицирано.
Маркетите на ,,Лидл” се широко распространети во регионот и ги има во Србија, Грција, Бугарија, Хрватска… И таму, јавна информација за висина на платите на вработените нема, но познато е дека примањата се конкурентни.
Неофицијално, во Србија месечната плата на касиерите изнесувала околу 750 евра, со додатни бенефиции, а во други земји, сумата била значително повисока. Во Хрватска, се спомнуваат месечни примања и од околу 1.200 евра, но официјална потврда за висината на примањата на вработените нема.
-Пет работни дена во неделата, односно два дена неделно, кои не секогаш се за време на викенд, се слободни за вработените. Платата е редовна, има и бенефиции на годишно ниво, а се работи во динамично опкружување, вели наша соговорничка од Србија, која работела како касиерка во еден од маркетите.
На официјалната страница на компанијата, моментално во Македонија се достапни 18 работни позиции од кои најголемиот дел се за Скопје. Покрај главниот град, во земјава ќе се отворат маркети и во Кавадарци, Велес, Штип, Битола, Охрид, Тетово и во други градови.
В.К.
Платите во ,,Лидл” биле конкурентни, но апликантите ги дознаваат во последниот чекор од постапката за избор на кандидати
2 Mins Read

