Поп-рок пејачката Наташа Малинкова (42) е кандидат за советничка на Совет на Општина Кавадарци на претстојните локални избори. Нејзиното име се најде на листата на независни советници на Јован Златевски, и тоа на четврто место помеѓу 19-те предложени кандидати.
За ВИКИМЕДИА Малинкова вели дека верува како независните кандидати можат да понудат свежи идеји и сакала да придонесе за родниот град.
-Јас сум родена и израсната во Кавадарци и отсекогаш сум поврзана со луѓето овде преку музиката и јавниот живот. Мотивот да се кандидирам на советничка листа доаѓа од желбата мојот глас и моето искуство да ги ставам во служба на граѓаните.
Верувам дека независните кандидати можат да понудат свежа енергија, нова перспектива и идеји кои се надвор од дневната политика. Сакам да придонесам Кавадарци да биде град во кој младите ќе остануваат и тука ќе гледаат иднина, а сите граѓани ќе се чувствуваат слушнати и застапени, ни изјави Малинкова.
Таа, освен што е естраден уметник, исто така е и управител на друштво. Приватно, сопруга е и мајка на две ќерки.
На македонската музичка сцена е присутна околу две децении и публиката ја запозна во периодот кога беше дел од ,,Багаж” и го отпеа хитот ,,Името твое”. Потоа самостојно ја продолжи кариерата и зад себе има голем број на учества на фестивали и авторски песни, а периодов е актуелна со баладата ,,Нема правила”.
Мотото на листата Независни за Кавадарци пак, чиј кандидат е и Малинкова, е дека кандидатите ќе се залагаат за праведна општина, каде заедничкиот интерес е пред личниот.
В.К.

