Синоќа заврши традиционалниот Неготински панаѓур, а екипите на ЈП Комуналец до раните утрински часови го собираа сметот кој зад себе го оставија тезгаџиите. Купишта ѓубре беа собрани од градскиот плоштад, но и од околните улици, кои потоа беа измиени и дезинфицирани.
Зад бројните тезгаџии останаа уништени хортикуларно средените површини на плоштадот, бидејќи врз посадените цвеќиња се поставувале картони за спиење изминатите три дена додека траеше манифестацијата, но и уништени мермерни плочи, кои со бормашини биле дупчени, за да на нив се монтираат држачите на аматерските штандови. Ретко кој од тезгаџиите со себе понел вреќи за отпад, и го собрал својот смет по завршување на настанот, и туку речиси сите го оставиле ѓубрето врз јавната површина која им беше изнајмена за користење.

Од ЈП Комуналец Неготино објавија фотографии од сликите кои ги затекнале нивните вработени по завршувањето на панаѓурот, но и фотографии направени по темелното чистење на центарот на градот кое траело со часови.
Во периодот кој следи се очекува да започне изградбата на нов плоштад, во вредност од околу 718.000 евра и засега нема официјална информација дали од наредната година панаѓурот ќе продолжи да се одржува на новоизградениот плоштад, или пак ќе биде преместен на друга локација.
Од она кое досега е соопштено од страна на градоначалникот д-р Горан Стојанов, се знае дека на новиот плоштад ќе имало многу зеленило, ќе се поставела урбана опрема, и ќе имал модерен лик и голема функционалност. Според првичните најави, градежните активности би требало да траат околу пет месеци.
Истовремено со плоштадот, ќе се гради и нов кружен тек, а по завршувањето на овие проекти, ќе се реконструираат и тротоарите на околните улици.
В.К.

