Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денеска ја посетија Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, по повод промоција на надградбата на хибридната сала во оваа установа, која е единствена во регионот од ваков вид. Од таму Мицкоски порача дека она кое го виделе во зградата на Кардиохирургија и Кардиологија, не можеле да го видат клиниките во Белград, Загреб и Љубљана.
-Тоа што денеска го видовме е нешто што можеме ние да го видиме овде во Скопје, во Клиничкиот центар, во зградата на Кардиологија и Кардиохирургија, но тоа не можат да го видат клиниките во Белград, во Загреб или во Љубљана на пример. И треба да сме среќни и ваков тип на проекти треба да поздравуваме, затоа што пациентите тоа што можат да го добијат во Македонија не можат да го добијат да речеме пациентите во Белград, Загреб и Љубљана. Она кое што исто така ни го демонстрираа луѓето е фактот дека сега додека се вршат кардиолошките процедури можат и кардиохируршките процедури истовремено да се вршат.
Зашто го кажувам ова? Не го кажувам наивно, го кажувам затоа што како Влада планираме процесот на интегрирање на клинички центар да го започнеме со интегрирање на кардиологија и кардиохирургија во национален васкуларен центар. И тој е веќе почнат со подготовки – поради изборите би рекол дека е во фаза на подготовка, но веднаш после изборите поробусно, поинтензивно ќе продолжиме со тој процес.
Како претседател на Владата и како Влада апсолутно ќе ги подржуваме сите вакви напори на клиниките, на болниците во Македонија, поддршката ја добиваат и од министерот и од директорот на фондот. Очекувам со вакви убави вести да се јавиме и од проектите кои што се во тек, да ја информираме македонската јавност, а веднаш после завршувањето на изборите ќе имаме малку поробусна акција и поголем фокус на здравството кој што ќе биде прв приоритет, истакна Мицкоски.
Инаку, околу надградбата на хибридната сала што е единствена хибридна операциона сала во нашата држава и пошироко во регионот, станува збор за современа апаратура што овозможува детекција, анамнеза и интервенција, а потоа и следење на здравствената состојба на пациентот при кардиохируршките интервенции, посочи министерот Алиу.
-Со новиот компјутерски томограф, за кој се обезбедени средства од Министерството за здравство во вредност од 2 милиона евра, со најсовремени софтвери, овозможени се услови со кои нашата држава се вбројува меѓу водечките центри во оваа област. Софтверите на ангиографот и томографот се целосно комплементарни и овозможуваат највисок стандард во ендоваскуларниот третман, кажа министерот за здравство.
Деск
Мицкоски: Она кое го видовме во зградата на Кардиологија и Кардиохирургија во Скопје, не можат да го видат клиниките во Белград, Загреб и Љубљана!
3 Mins Read

