Боби Павловски ја претставува својата најнова песна насловена „Варка“ – уште една силна нишка во успешната приказна што ја гради на регионалната музичка сцена. Иако композицијата е снимена на српски јазик и е дел од најавениот албум наменет за пазарот во соседството, песната носи длабоко вкоренет македонски дух, и во музичкиот ритам и преку визуелниот наратив, соопштија од ПР тимот на музичарот.
Додаваат дека со „Варка“, Боби речиси го заокружува проектот што во изминатиот период го создаваше специјално за регионалната публика. Овојпат, како кулминација, одлучи да внесе дел од својата душа и идентитет – со ритам во автентични 7/8, препознатлив за македонската музичка традиција.
Иако продукцискиот тим на видеото доаѓа од Босна, снимањата се реализирани на повеќе локации низ Македонија, со цел да се прикаже природната убавина и сликата за татковината преку едно поинакво уметничко око.
-Презадоволен сум од финалниот производ – музички, визуелно, енергетски. Особено ми е драго што успеавме да го вклопиме карактеристичниот македонски ритам во песна што е насочена кон регионалниот пазар и да покажеме нешто наше, автентично македонско. Верувам дека публиката ќе ја препознае мојата искрена желба да останам верен на корените, на сето она што го носам во себе и од каде што потекнувам, вели Павловски.
Музиката и текстот на „Варка“ се дело на Драган Пејиќ – Пеја, а аранжманот го потпишуваат Пеја и Бобан Василески. Видеото, реализирано во соработка со Area 7 Entertainment, нуди моќен визуелен наратив кој ја слави македонската природа, традиција и ритам, пренесени преку свежа визуелна естетика.
Покрај современиот поп звук и регионалната лирика, песната содржи и традиционални елементи – тапан како симбол на ритмичката моќ и фолклорната традиција, што уште повеќе ја зајакнува македонската нишка во овој креативен спој на старо и ново.
-„Варка“ се приклучува кон веќе објавените песни од проектот – „Лавиринт“, „Поносан“, „Калдрма“, „Заблуда“, „Самица“, „Тамо негде“, „Метар дана“, „Не оклевај“ и „Стара рана“ – комплетирајќи едно музичко поглавје кое не е само албум, туку и порака дека автентичната македонска музика и култура можат гордо да стојат и во пошироки рамки, достојно претставувајќи ја Македонија надвор од нејзините граници, истакнаа од тимот на Павловски.
Деск
Го вклопив македонскиот ритам во песна насочена кон регионалниот пазар, вели Боби Павловски за ,,Варка”
2 Mins Read
Previous ArticleВидео од пожарот во центарот на Неготино

