По пола година мачна битка за живот, една од најтешко повредените жртви во пожарот во Кочани, 18-годишната Мелани Тасева од Скопје, конечно се вратила дома, каде ќе продолжи нејзината долготрајна рехабилитација. Потресната приказна за младата девојка ја објави Пулсинфо, опишувајќи го нејзиниот пат од една болница во друга, во животозагрозувачка состојба, со неизвесен исход.
Патот за спас започнал во приватната болница „Жан Митрев Клиник“, а потоа Мелани била префрлена во Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград. По третманот таму, се вратила во „Жан Митрев Клиник“, но поради влошување на состојба, во крајно тешка општа состојба на 5-ти мај била префрлена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за понатамошен третман.
Во сторијата на Пулсинфо лекари од ,,Аџибадем Сиситина” споделуваат детали за тешкиот пат кој го минала младата девојка, за интервенциите и натчовечките напори на лекарските тимови да се спаси младиот живот. И нејзиниот татко Александар раскажува за кошмарот кој го минале, за шокот и стравот кој никому не го посакуваат.
Тргнала во Кочани, безгрижна и радосна што ќе присуствува на концертот на ДНК, не претпоставувајќи каков животен пресврт ќе и донесе ноќта која требало да биде исполнета со младешка забава и дружба. Исто како неа, таа вечер на 16-ти март, стотици млади луѓе и деца влегле во кобниот нелегален објект Пулс, верувајќи дека се безбедни, со доверба во системот, во институциите, во својата држава… Дури 62 од нив не излегоа живи, а околу 200 завршија со повреди. Повредените, а и оние кои поминале без повреди, засекогаш ќе ја носат траумата со себе.
Порталот Пулсинфо објави и фотографии од Мелани, а лузните на нејзиното тело не можат да доловат ниту мал дел од она низ кое поминало ова младо девојче кое со месеци и гледало на смртта во очи.
Нека истите бидат потсетник за злото кое зад себе го остави корупцијата, и секој поединец кој свесно дозволил да се случи Пулс, една од најголемите трагедии во поновата историја на државата. Дали Македонија ја научи лекцијата?
Вики Клинчарова
Нека лузните на Мелани бидат потсетник за злото кое го остави корупцијата зад себе: Ја научи ли Македонија лекцијата од Пулс?
2 Mins Read
Previous ArticleНајавен голем митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци за утре

