Населбата Тимјаник во Општина Неготино се подготвува за првото издание на фестивалот на вино и ракија Лоза 2025. Настанот кој ќе се одржи на 11-ти октомври е во организација на Здружение за зајакнување на заедницата за промени од Тимјаник и АВАНГАРД ПРОДУКЦИЈА 2023 Прилеп, од каде најавуваат богата забавна програма со познати естрадни имиња и очекуваат огромна посетеност.

Ќе настапат Оливер и Вера од групата Љубојна, Даниела Темелковска, Вера Јанковиќ, MOODFELLAS од Охрид, а водителка ќе биде стендап комичарката Надица Петрова.
-Фестивалот ќе биде поделен на два дела. Првиот дел е изложбен и едукативен, каде ќе има трибини и штандови на кои ќе можат да се пробаат и купат производи од локални семејни дестилерии, семејни винарии, производители на маџун и други производи добиени од лозови насади и производи за добивање продукти од лозови насади.
Ќе има и казан за печење ракија. Овој дел ќе се одржува на сред село во Тимјаник, од 10.00 до 15.00 часот.
Вториот дел е културно-уметничка и забавна програма која ќе се одржува на спортското игралиште во самото училиште, а програмата ќе започне во 18 часот.
Ќе има штандови од семејните винарии и дестилерии, ќе се трошат нивни пијалоци и ќе има дополнителен шанк кој ќе ги опслужува масите со алкохолни и безалкохолни пијалоци, за ВИКИМЕДИА откриваат од организацијата на фестивалот.
Додаваат дека настанот има за цел да стане традиционален и да се одржува секоја година.
Вики Клинчарова

