Во два одделни случаи, две жени биле жртви на измама, откако на банкарска сметка уплатиле пари за изнајмување на стан, а по уплатата, лицето кое се претставувало како наемодавач, прекинало секаков контакт со нив, соопшти Секторот за внатрешни работи Велес.
-На 02.10.2025 во 19:30 часот во СВР Велес, 38-годишна жена од битолско село пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 28.400 денари. Според пријавеното, таа се зачленила во група на социјална мрежа со цел да најде стан под закуп во Скопје, по што била контактирана од лицето Н.П., а откако се договориле парите за закуп електронски ги уплатила на банкарска сметка. Како што е пријавено, после тоа лицето било недостапно за контакт и сфатила дека била измамена.
Исто така, на 01.10.2025, 42-годишна велешанка, на ист начин била измамена за сума од 15.000 денари за закуп на стан во Велес. Се преземаат мерки за расчистување на настаните.
Поради појава на измами по електронски пат за наводни договори за закуп, СВР Велес апелира до граѓаните, да бидат особено внимателни при комуникација со непознати лица по електронски пат на социјални мрежи и платформи за комуникација, особено кога од нив се бара да извршат уплати на финансиски средства и сите сомнителни случаи да ги пријават во полиција, известија од СВР Велес.
Деск

