Приказната со првиот Вилиџ Фестивал во Општина Неготино, која започна лани во Војшанци, продолжува и во другите села и се покажа како одличен начин за нивно заживување и за привлекување на бројни посетители.
По првото издание на фестот во Војшанци лани, каде главна музичка ѕвезда беше Неша од Галија, годинава се одржа и второто издание на први август, со српскиот музичар Само Боб и бројни локални изведувачи.
Потоа, во август се одржа и Дисан Опен Фест, со настапи на ,,Special selection” од Кочани и диџеј DJPS, а фестот донесе голем број на гости.

Сега, следува одржување на првото издание на Лоза Фест во Тимјаник, на 11-ти октомври. И на овој вилиџ фестивал се најавени бројни музички имиња, штандови со пијалоци и традиционални локални производи, а се очекува масовна посетеност.
Организаторите на овие фестивали, чија цел е да ги заживеат малите населби во општината, едногласно велат дека сакаат да остават белег, да ги промовираат селата и да донесат забава во нив.
-Да привлечеме посетители од сите краеви, но и да создадеме брендови по кои овие места во иднина ќе бидат препознатливи. Да им оставиме нешто на идните генерации со кое ќе се гордеат, велат организаторите на настаните, кои се млади луѓе со визија за развојот на неготинските села.

На претстојниот настан во Тимјаник пак, кој ќе се одржи во сабота, од организацијата очекуваат илјадници посетители, и истиот започнува од 10.00 часот наутро, кога ќе се пече ракија и ќе се продаваат локални производи, а пак потоа од 18.00 часот започнува забавната програма со голем број на познати музички имиња. Идејата за создавање на фестивалите беше поздравена од страна на жителите.
Вики Клинчарова

