Во тек на вчерашниот ден директорот на Центарот за управување со кризи, Али Мухамед, заедно со заменик-директорот Трајче Јовановски и тимот од Секторот за операции и координација на ЦУК присуствуваа на симулациско-показна вежба на тема: „Справување со пожар на отворен простор од пошироки размери – шумски пожар“.
Вежбата се одржа на просторот на Национален парк Пелистер, во соработка со Општина Битола, а од ЦУК информираат дека целта на вежбата била:
• Подобрување на одговорот при справување со пожари на отворен простор;
• Увежбување на Општинскиот штаб за заштита и спасување во насока на вклучување на дополнителни локални сили;
• Операционализација на одлуките и заклучоците на Општинскиот штаб преку воспоставување на единствен инцидент команд систем;
• Организација и спроведување на мерки за евакуација на населението од загрозеното подрачје, давање триажа и прва медицинска помош;
• Зајакнување на институционалната кохезија и унапредување на комуникацијата и координацијата меѓу надлежните служби.
Симулациско-показната вежба беше организирана од Национален парк Пелистер и Општина Битола, со учество на сили и ресурси од локално и регионално ниво, во соработка и поддршка на Центарот за управување со кризи.
Деск

