Денеска од страна на овластени службеници од Секторот за пробација во Чашка, Велес за прв пат беше поставена опремата за електронски надзор со што започна извршувањето на првата изречена пресуда куќен затвор, соопштија од Управата за извршување санкции.
Осуденикот има 79 години и е осуден на три месеци домашен притвор поради полово вознемирување, согласно член 190-а став 2 од Кривичниот законик (Член 190 (1) Тој што пред друг врши полово дејствие на јавно место, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. (2) Тој што пред дете врши полово дејствие или што ќе наведе дете пред него или пред друг да врши такво дејствие, ќе се казни со затвор од три до пет години).

-Врз осуденото лице беше поставена алка на глуждот на ногата. Истиот нема да смее да го напушта своето живеалиште во времетраење од три месеци, а лицето има право на престој на свеж воздух од најмногу два часа.
Во случај на непочитување на упатствата за користење на опремата за електронски надзор и ограничувањата дадени од судот, пробациските службеници ќе го известат судот, согласно одредбите од Законот за пробација.
Притоа, овој начин на извршување на казната е поекономичен за државата, а имајќи ја предвид возраста на сторителот воедно претставува и похуман начин на извршување на казната, истакнаа од управата.
Според закон, алки можат да користат три категории осуденици: стари и изнемоштени лица, бремени жени и мајки со мали деца, како и лица со тешки болести или инвалидитет.
В.К.

