Независната листа на советници за Општина Пробиштип ,,Не сме сите исти” чиј носител е Игор Бошковски, соопшти дека сите кандидати целосно се откажуваат од советничкиот паушал и истиот во целост ќе го донираат. Кандидатот за советник Драган Монтев за ВИКИМЕДИА ја потврди одлуката, појаснувајќи дека сакале со личен пример да покажат дека постои поинакво практикување на функцијата советник.
Додава дека сите кандидати за советници со изјави заверени кај нотар се откажале од надоместокот.
Како што објавија и на платформата на листата, тоа би значело дека за еден мандат еден советник би добил 1.152.000 денари надоместок, пет советници би добиле 5.760.000 денари надоместок, а пак 15 советници би добиле 17.280.000 денари надоместок, односно над 280.000 евра.
Според нив, тоа се пари кои треба да бидат вратени таму каде што припаѓаат, кај народот.
Посочуваат дека целта на формирањето на нивната советничка листа не била политичка, ниту пак партиска.
-Едноставно, се претера! Нашата цел е обединување на сите чесни, правдољубиви и достоинствени граѓани, на кои политичките партии им дојдоа преку глава, порачаа.
Вики Клинчарова

