Откако од клиниката Аџибадем Систина денес се простија со музичарот Владимир Блажев – Панчо со јавна објава, во која открија дека заедно се бореле 213 дена, се огласи и Маја, сопругата на Панчо.
Под објавата на болницата, таа се заблагодари на целиот персонал за секоја секунда која ја посветиле на нивното семејство, додека Панчо се лекувал таму.
-Вие бевте тие кои ми дадовте 7 месеци можност да се гушкам и зборувам сè што не си кажавме цел живот. Ви благодарам за секоја секунда посветена од сите вас како болница која ми станавте и втор дом изминатиов период. Нема зборови и нема утеха, а знам дека сте и вие скршени од болка, објави Маја.
Веста за смртта на Панчо денес ја затекна цела јавност. По пожарот во Кочани тој беше на болничко лекување, а јавноста немаше многу детали за неговата состојба, освен дека е надвор од животна опасност.
Според последните, неофицијални информации, неговата состојба нагло се влошила изминатите денови, а утринава околу 10.00 часот починал.
Панчо е 63-та жртва во пожарот кој што се случи на 16-ти март годинава. Од тимот на неговиот бенд ДНК загинаа девет лица.
Деск

