Голем број на граѓани од земјава, но и наши иселеници од Австралија, упатиле барања до Програмскиот совет на МРТ Македонија да се врати како учесник на Евровизија. Гледачите дале и предлози за претставник на Евровизија. Најголем дел доставиле и своја петиција за поддршка на Боби Андонов да ја претставува Македонија. Други дале предлози тоа повторно да биде Тамара Тодевска, како учесник кој постигнал најголем успех. Потоа имало предлози и за Каролина Гочева, Антонија Гиговска и други.
Ова беше истакнато на последната седница на Програмскиот совет на јавниот сервис, каде се разговарало и дека воедно, македонската заедница во Австралија порачала дека “Враќањето на Македонија на Евровизија е приоритет од јавен интерес. Тоа носи глобална видливост и позитивен имиџ, ја зајакнува врската и идентитетот на младите во дијаспората, ја промовира нашата уметност и музичка индустрија и ја обединува нацијата околу настан со висока гледаност”.
Граѓаните кои го контактирале Програмскиот совет кажале дека Македонија има богата музичка традиција и талентирани артисти кои можат гордо да ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена.
Сепак, и по барањата на голем број граѓани, Македонија и во 2026 година нема да учествува на Евровизија, првенствено поради високите трошоци, но ќе го пренесува настанот во живо.
Деск

