Дејвид Гилмор изјави дека ништо не би можело да го наведе повторно да се соедини со својот поранешен колега од бендот „Пинк Флојд“, Роџер Вотерс.
Гитаристот целосно ја отфрли секоја можност двајцата да ја закопаат секирата и повторно да настапат заедно.
Гилмор и Вотерс се во конфликт со децении, уште откако Вотерс го напушти бендот во 1985 година, по албумот „The Wall“.
Во 2024 година, двајцата музичари ги продадоа правата за каталогот на „Пинк Флојд“ на „Сони Мјузик“ за повеќе од половина милијарда долари.
Во ново интервју за „Телеграф“, кога беше прашан што би требало да се случи за да размисли за повторно обединување со Вотерс, Гилмор одговори:
„Ништо. Нема ни најмала можност дека ќе го направам тоа.“
Претходно, Гилмор остро го критикуваше Вотерс, обвинувајќи го за „поддршка на геноцидни и автократски диктатори како Путин“.
Во 2023 година, неговата сопруга, авторка и текстописец Поли Самсон, јавно изјави дека Вотерс е „антисемит до срж“.
Вотерс одговори на својот официјален профил дека е „свесен за провокативните и неточни коментари објавени за него од Поли Самсон“ и дека „целосно ги отфрла“.
Во истото интервју, Самсон објасни дека таа проговорила затоа што не сакала никој да добие погрешна претстава за тоа со кој член на Пинк Флојд е во брак.
Гилмор додаде во разговорот дека продажбата на музичките права не била мотивирана од пари, туку од желбата да се „излезе од калта“ во која се наоѓал бендот со години.
Како што рече тој: „Не станува збор за финансии. Станува збор за конечно излегување од калта во која сме предолго.“
Деск

