Театарскиот, филмски и телевизиски актер Гоце Тодоровски (74), е помеѓу добитниците на државната награда „23 Октомври“ – признание со кое се оддава почит на поединци што со своето творештво и дело дале исклучителен придонес во развојот на македонската наука, култура, образование и во заштитата и унапредувањето на државните интереси и вредности.
Наградата му беше врачена вчера во Кристалната сала на Собранието на Македонија, а паричниот износ за истата изнесува десет просечни месечни плати во Македонија исплатени во последните три месеци во тековната година.
Пред три месеци Тодоровски за ВИКИМЕДИА раскажа дека е разочаран, бидејќи животот го посветил на актерството, а пензионерските денови ги минувал со 36.000 денари месечна пензија.
-Здравјето ми е нарушено, постојано сум со лекарства, срцето ми е ослабено. И после се што направив за уметноста во нашата земја, после сите тие ризници кои ги наполнив со квалитетни проекти и улоги кои и денешните деца ги знаат, јас сум заборавен од државата.
Можеби некому ќе звучи нескромно, но дали е во ред млади актери, кои вчера завршиле академија и уште не стапнале на штиците, да добиваат плата која е значително повисока од пензијата од 36.000 денари со која јас сум оставен? Па, целиот живот и здравјето ги оставив на професијата и сметам дека на Македонија и дадов доволно, за да тоа биде препознаено и наградено, раскажуваше тој во интервјуто објавено кон крајот на јули.
Тогаш порача дека му било понижувачки да оди и да аплицира на конкурс за добивање на бенефиции, и се надевал дека државата ќе го слушне неговиот глас.
Покрај Тодоровски, оваа година државната награда „23 Октомври“ за остварувања во областа на културата и уметноста им се додели и на Александар Кујунџиски, писател за деца и возрасни; Братислав Ташковски, поет, романсиер, драмски писател и новинар и акад. Божин Павловски, писател.
В.К.

