Независниот кандидат за градоначалник на Могила, Сашо Пивковски објави дека се повлекува од трката за градоначалничката функција.
-По внимателно размислување и бројни разговори со многумина од вас, одлучив да ја повлечам својата кандидатура од изборната трка.
Ова не беше лесна одлука, но верувам дека е исправна и чесна во овој момент – во интерес на нашата општина и на сите граѓани што живеат во неа.
Во изминатиот период слушнав различни мислења, совети и размислувања. Сфатив дека политиката не смее да создава поделби меѓу луѓето, особено не меѓу пријатели и семејства. Нашата сила е во заедништвото, не во поделбите.
ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом.
Како нејзин член секогаш сум се водел од идејата за чест, работа и почит кон луѓето. Така било и ќе остане. Ќе продолжам да го поддржувам сето она што е во интерес на граѓаните и на вредностите за кои се залага оваа организација.
Понекогаш, вистинското лидерство не се покажува само кога чекориш напред, туку и кога знаеш кога треба достоинствено да застанеш на страна, за да не му наштетиш на она што го сакаш и почитуваш.
Свесен сум дека оваа вест ќе изненади многумина, но ја носам со мирна совест и со чувство на одговорност. Убеден сум дека ова е најдоброто нешто што можев да го направам во овој момент.
Ќе продолжам и понатаму да бидам тука – достапен, искрен и подготвен да помогнам секогаш кога ќе има потреба. Вашата поддршка, доверба и добри зборови ќе останат нешто што длабоко го ценам, објави Пивковски на социјалните мрежи.
Во првиот круг од локалните избори во Општина Могила, тој освои 37,07 отсто од гласовите, на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Драганчо Саботковски, му припаднаа 49,17 отсто од гласовите, а кандидатот предложен од СДСМ, Зоран Ристевски, освои 10,38 отсто од гласовите.
Сашо Пивковски е вториот независен кандидат за градоначалник кој објави дека се повлекува од трката за градоначалничката функција, по кандидатот Милосим Војнески од Македонски Брод.
Деск

