Во Општина Лозово се одржа мини митинг на ВМРО-ДПМНЕ, на кој се обрати премиерот Христијан Мицкоски, давајќи му ја својата поддршка на актуелниот градоначалник и кандидат за градоначалник, Бошко Цветковски.
Тој ќе се бори за уште еден мандат во вториот изборен круг, со својот противкандидат Ацо Велковски од СДСМ, кој пак беше негов претходник на градоначалничката функција.
Во првиот изборен круг Цветковски освои 573 гласови, додека Велковски освои 651 глас.
Инаку, Велковски кој повторно се бори за градоначалничката фотеља, во јавноста стана актуелен кога додека беше на функција, на наградна игра организирана од општината, неговата ќерка освои шпорет.
-Нема лажи, нема преваре, викаше во микрофон водителката на настанот кој предизвика бурни реакции во јавност, по што Велковски ни изјави дека решил освоениот шпорет да го донира на социјално загрозено семејство од општината, со цел да докаже дека наградата не била во никој случај наместена.
Тој повторно се најде во центарот на вниманието и годинава во март, кога беше осуден на една година и шест месеци затвор за „несовесно работење во службата“ и нанесување финансиска штета на буџетот на општината.
Одлуката ја донесе Основниот суд во Свети Николе на 4-ти март оваа година, а покрај затворската казна, Велковски беше задолжен да исплати 2.285.044 денари како оштета на општината.
Покрај тоа што му даде поддршка на Цветковски за време на настанот во Лозово, Мицкоски денес од таму истакна дека очекува на крајот на изборите да имаат 59 градоначалници.
В.К.

